Франција не дозволи изненадување и со победа над Србија се пласира во полуфиналето на ЕП

Женската ракометна репрезентација на Франција го положи клучниот испит на Европското првенство, кое се одржува во оваа земја, откако со убедливи 28-38 (14-18) славеше над Србија и го потврди второто место во групата, кое води во полуфиналето на овој собир. 

Домашните ракометарки во ниту еден момент не го оставија отворено прашањето на вечерашниот победник. Започнаа со атомски ракомет и веднаш го презедоа водството, кое не го испуштија до крајот на мечот.

На полувреме се замина со +4 (14-18), додека во вториот дел Хуете и Минко блеснаа во нападот и француското водство достигна до +11 (21-32), за на крај да застане на +10 (28-38)

Убедливо најдобри ракометарки на теренот беа Хуете и Минко со по седум постигнати гола, а солидна беше и Лакрабер со пет погодоци, додека кај Србија се истакна Крпеж со пет гола, а поранешната вардарка Андреа Лекиќ не успеа да се запише во листата на стрелците.