Франција моќно на мегдан со рекордерот за светската круна

Женската ракометна репрезентација на Франција одигра моќно и со победа над Шведска (37-28) се пласира во големото финале на Светското првенство (СП) за дами кое се игра во Норвешка, Данска и Шведска.

„Триколорите“ почнаа доминантно, ја задржаа Шведска на само два постигнати гола скоро половина полувреме (10-2) и тоа беше клучот во победата. Европското дерби не донесе неизвесност како претходното, она скандинавското меѓу Данска и Норвешка кое беше решено по продолженија.

Најдобра кај стрелците беше Хорачек со девет гола, а Фопа, Нзе Минко и Валентини дадоа по четири, а кај Швеѓанките, Хагман имаше пет гола.

Во мечот за титула Франција ќе игра за третото светско злато, а за противник ќе ја има Норвешка која зад своето име има единаесет рекордни медали на мундијалската сцена.