• Иван Димовски
Ракометарите на Франција конечно го „скршија мразот“ и ја запишаа првата победа на Олимписките игри, откако убедливо славеа против Аргентина со 21-28 (8-15). „Триколорите“ откако потфрлија во првите четири кола, сега конечно дојдоа до триумф и славје.
Фуриозно отворија Французите, направија серија на самиот старт од 0-7 и сериозно се одлепија пред ривалот. Аргентинскиот селектор мораше да повика два тајм-аути во првите петнаесетина минути, но и покрај тоа домашната селекција убедливо водеше и го контролираше резултатот. До полувремето највисокото водство беше осум гола, а на одмор се замина со 8-15. Перфектно полувреме имаше голманот Винсент Жерар кој одбрани 60% од ударите на противничкиот тим.
Со слично темпо се продолжи и во вториот дел, Франција беше во убедлива предност, а Аргентинците се обидуваа да се вратат. Тоа им појде од рака пред завршниот период на мечот. Тогаш селекцијата од Јужна Америка двапати дојде на „минус три“, меѓутоа Французите реагираа соодветно и експресно го вратија резултатот на високи седум разлика со кои и победија на крајот.
Најефикасен играч на мечот беше Уго Деска со осум реализации, додека кај Аргентинците се истакна Паркер со седум.