Франција ја преживеа Унгарија и го фати „последниот воз“ за четвртфинале

Ракометарите на Франција по голема драма славеа против Унгарија со 20-24 (8-11) и го фатија „последниот воз“ за четвртфиналето на Олимписките игри. Легендарниот Никола Карабатиќ не дозволи денешниот да му биде последен натпревар во кариерата и на „мала врата“ француските ракометари влегоа во елиминационата фаза. 

По двата стартни порази и ремито со Египет, домаќинот на Игрите мораше сериозно да го крене нивото и успеа во својата намера. Победувајќи ги Аргентина и Унгарија во клучните натпреварри, се избори за четвртото место во групата. Во четвртфиналната фаза Французите одат на мегдан со првопласираниот од А-конкуренцијата, а тоа е Германија.

Уште на стартот „триколорите“ знаеја што сакаат, почнаа добро и рано поведоа со 2-6. Ова водство од три до четири гола на Французите беше активно до пред полувремето, тогаш Унгарците намалија на 8-10, а на одмор се замина со 8-11. Во овој период одбраната на „експертите“ беше одлична, а Жерар беше скоро на 50% одбрани. 

Во продолжението одново во два наврати избраниците на Гијом Жил поведоа со четири разлика, а потоа следеше кам-бек. Унгарија успеа да дојде до егал, па и да поведе (18-16). Сепак, во завршните десет минути Французите водени од расположениот голман Жерар кој собра 11 одбрани дојдоа до победата. Предноста пред крајот повторно ги достигна максималните четири разлика, со кои го заврши натпреварот. Чема Родригез, кој побара два тајм-аута во клучната фаза, беше лут на своите ракометари и бесен на судиите, но без реализација во последните 10-12 минути не може да се победи Франција. 

Елохим Пранди со седум погодоци беше најдобар на теренот, а со по пет му помогнаа Мем и Деска. Кај Унгарците се истакна младиот Имре со шест реализации. Сите патници во четвртфиналето и паровите за елиминациите ќе бидат познати вечерва по натпреварите Данска - Норвешка и Шпанија - Хрватска.