Франција ја детронизира Норвешка, со „девет од девет“ седна на светскиот трон!

Ракометарките на Франција ја детронизираа Норвешка, откако во финалето на Светското првенство ја совлада со 31-28 (20-17). Средбата која се одигра во „Јиске Банк Арена“ во Хернинг понуди доста драма, а Французинките покажаа повеќе желба и сосема заслужено дојдоа до третиот трофеј. Така, оваа селекција ги обедини олимпиското и светското злато. 

„Триколорките“ тргнаа подобро во натпреварот, го имаа почетниот удар и предност од еден напад и гол. Сепак, откако на семафорот стоеше 3-3, работите се променија. Во следниот период Норвежанките беа селекцијата која диктираше темпо и водеше со по гол или два, ама не успеа да се одлепи. Поради тоа, во финишот на полувремето Франција се наметна и пред полувремето зададе сериозен удар. Со подобра игра тие дојдоа до највисоката предност во првиот дел од четири гола, а на одмор се замина со 20-17. 

Норвешка секако дека не се откажа, се обиде да го крене темпото и успеа во тоа. Иако во првиот дел од второто полувреме Франција ја бранеше предноста, сепак скандинавскиот колектив успеа да се врати резултатски во целост. Норвешка пријде на 26-25, а кога изгледаше дека го има моментумот следеше серија грешки. Само прекалената Нора Мерк со две технички грешки ѝ дозволи на Франција да дојде пак на „плус четири“ (29-25), а Солберг спречи удар за пет гола предност. Потоа преку Офтедал и Херем норвешките ракометарки ја преполовија негативата. Иако бранителките на тронот до последните моменти не застанаа, времето истекуваше и тоа ѝ одеше од рака на Франција. На влезот во последната минута со уште една грешка на Реистад се стави точка на мечот.

Најефикасна во ова финале беше искусната Нора Мерк со осум гола, додека кај Французинките погодоците беа одлично распределени. По пет пати стрелаа Хорачек и Грандевеу, а по четири гола дадоа Канор и Валенти.