Франција ги „овена лалињата“ и веќе слави пласман во четвртфиналето

Франција е првиот четвртфиналист од групата 2 во главната фаза на Светското првенство во ракомет во Хрватска, Данска и Норвешка. „Триколорите“ ја совладаа Холандија со 35-28 (19-13) и во пресрет на последниот натпревар, в сабота против Македонија, сигурно се први во групата со шест бода.

Двете селекции почнаа супер-брзо и за неколку секунди ги завршуваа нападите. Во таква консталација француската одбрана и Дебоне направија разлика. Европскиот првак на средина од полувремето дојде до 3,4 гола предност и стриктно внимаваше на Лук Стеинс,. Реми Дебоне одбрани шест топки, меѓу нив и еден седмерец, и на одмор Франција замина со предност од.19-13.

На почетокот на вториот дел Балзингер застана меѓу стативите, француската одбрана пак ја направи разликата и Недим Ремили и Мелвин Ричардсон ја зголемија предноста на недостижни осум гола разлика. Без голема драма Франција го приведе натпреварот кон крај и славеше со 35-28.

Најефикасни во француската репрезентација беа Ричардсон со седум и Ремили со пет погодоци, а кај Холандија се истакна Дани Баијенс со пет гола. В сабота во последното коло од главната групна фаза Франција игра со Македонија, а противник на Холандија ќе биде Австрија