• Горан Упале
Екипата на Алкалоид го освои својот прв трофеј во клупската историја. Младите момци на Кирил Лазаров го поминаа најтешкиот пат на завршниот турнир во „Борис Трајковски“ и заслужено се радуваат на големиот успех и титулата – освојувачи на Купот на Македонија.
Во полуфиналето Алкалоид славеше над најтрофејниот Вардар, додека во големото финале падна фаворизираниот Еурофарм Пелистер. Така, од утре ќе блесне првиот трофеј во клупските витрини на Алкалоид. На радоста на младите момци на Лазаров им немаше крај, а по добиениот пехар славјето се префрли во соблекувалната.
За „сино-белите“ од Автокоманда ова беше втор настап на завршниот турнир во Купот на Македонија, откако минатата сезона беа поразени во полуфиналето од Вардар.
До крајот на сезоната во Суперлигата преостануваат уште две кола, а во последното Алкалоид гостува во Битола во натпревар кој пелистерци не смеат да го загубат, доколку сакаат да ја одбранат титулата.