• Саше Љолес
Репрезентацијата на Шведска испушти триумф во последните секунди од полуфиналето против Франција, а потоа „триколорите“ комплетно ги свртеа нештата во своја полза и обезбедија ново олимписко финале. Натпреварот во регуларното време заврши со нерешени 25-25, а потоа Франција во дополнителното време го заокружи трииумфот со конечни 31-28. Херои на домашната селекција беа Лаура Флипе, која донесе израмнување во последната секунда од регуларниот тек и голманката Сако, која одбрани многу топки во клучната фаза.
Првите триесет минути им припаднаа на Швеѓанките, кои долго играа во егал, но пред паузата успеаја да го наметнат своето темпо и заминаа на одморот со два гола позитива (12-10). Двете екипи играа цврста одбрана, што резултираше со мала ефикасност во првото полувреме. Техничките грешки на Французинките, кои брзоплето даруваа лесни голови на скандинавките, го принудија Оливие Крумболц на тајм-аут и коренити промени во тимот.
Шведска продолжи со сличен ритам на стартот од вториот дел, се обидуваше да се „одлепи“ и да создаде клучна разлика, но ниту еднаш не водеше со повеќе од три гола разлика. Се чинеше дека Франција нема сили да се спротивстави на Скандинавките, но „триколорите“ заиграа добро кога беше најпотребно, во последните десет минути.
Хорасек и Нзе Минко беа носители на играта на Франција, па во 54. минута земјата-домаќин на Олимписките игри комплетно се врати во игра (22-22). Шведска почна помалку да стравува за конечниот исход, но постигна гол во последниот напад, а „триколорите“ дојдоа до ново израмнување буквално во последните скунди од мечот, па со голот на Лаура Флипе, регуларното време заврши со резултат 25-25 и натпреварот замина во продолжение.
Франција беше помотивирана во дополнителните десет минути и со убава серија од 4-0 дојде до клучна разлика на победа. Сако на голот бранеше зицери и седмерци, а Хорасек ги дотолчи Швеѓанките. На крајот домашната селекција сосема заслужено го заокружи триумфот со 31-28.
Најефикасна во победничкиот тим беше Хорасек со осум голови, додека кај Шведска осум погодоци постигна Хагман. Франција во големото финале го очекува подобриот од вториот полуфинален дуел, каде се среќаваат Норвешка и Данска.