Флензбург во финишот го „скрши“ Порто на Митревски, Алборг минимално слави во Загреб

Ракометарите на Флензбург во финишот го скршија отпорот на Порто и со 36-29, ги освоија бодовите во средбата од третото коло во Лигата на шампионите. Екипата каде настапува репрезентативецот на Македонија, Никола Митревски парираше до средината на вториот дел, но попушти на крајот и убедливо загуби.

По воведната предност за Португалците, Флензбург ја презеде контролата врз резултатот и уште во првиот дел најави дека бодовите ќе останат во Германија. Така, во првиот дел највисоката предност порасна до +4, но до пауза Порто услеа да израмни (15-15). По полувремето и воведното разменување на голови, Флензбург со неколку мини серии направи исчекор и стигна до комфортна предност, која финишот стигна до највисоките +7. 

Најефикасен играч на средбата беше Ласе Молер со девет реализации, додека пет имаше Јондал, а по четири Сван и поранешниот вардарец Сикошек Пелко. Кај Порто најпрецизен беше Соареш Мартин со пет гола, а по четири пати погодија Гомез, Слишковиќ и Салина Амадор.

Драматичен натпревар одиграа ППД Загреб и Алборг, во кој данскиот колектив во последните секунди запиша триумф од 26-27. Иако Хрватите долго водеа, гостинот на крајот се радуваше, а најдобар поединец на средбата беше Јул Ласен со осум голови, додека кај Загреб еден помалку имаше Божовиќ.