Флензбург влезе во серија во ЛШ, Веспрем му се одмазди на Мотор

Екипата на Флензбург впиша уште една лесна победа во Лигата на шампионите и на гости во Романија со убедливи 20-28 славеше во соочувањето со Динамо Букурешт.

Германскиот тим иако со само 12 ракометари отпатува на ова гостување, на романскиот паркет покажа сила и квалитет во клучните моменти и ја впиша третата победа во низа во најсилното ракометно натпреварување на ЕХФ. 

Динамо одлично се држеше во првиот дел и на пауза имаше егал резултат (13-13), но потоа постигна само четири гола за 20 минути и заслужено загуби со убедливи осум гола разлика. Менсинг со девет гола и Јакобсен и Менсах со по пет беа најпрецизни во таборот на германскиот тим, додека кај домаќинот Џионеа и Нантес резлизираа пет пати.

Ракометарите на Веспрем им ставија крај на лошите игри и резултати во Лигата на шампионите и по поразите од Динамо Букурешт и Мотор, вечерва им се реваншираа на украинскиот шампион (36-29) и им се вратија на победите во ракометната елита.

По неуспехот од пред седум дена во Запорожје, Унгарците со одлична игра се изборија за нова победа во групата Б, по која остануваат на третата позиција на табелата. Избраниците на Момир Илиќ сите дилеми околу победникот на натпреварот го решија уште во првите 30 минути во кои стигнаа до позитива од пет гола, разлика која што во продолжението беше недостижна на гостинските ракометари.

Водечка сила на Веспрем на овој меч беше Маргуч со девет гола, а на спротивната страна еден помалку имаше Бокан.