• Иван Димовски
Ракометарите на Флензбург ја освоија Европската лига на ЕХФ, откако во финалето ја совладаа екипата на Монпелје со 25-32 (13-19). Германскиот гигант беше подобар од француската екипа и тоа убедливо во мечот за трофејот на завршниот турнир во Хамбург. Со оваа победа Германците ја одбранија титулата од ланската сезона, а трета година во низа тим од оваа земја го крена трофејот.
Стартот на средбата им припадна на Французите кои минимално водеа, но Германците бргу се консолидираа и презедоа контрола. Откако на семафорот стоеше 5-5, следуваше серија од 0-3 на Флензбург која беше најава за текот на продолжението. Германскиот тим ја одржуваше и зголеми предноста пред полувремето, па на пауза замина со дотогаш максимални 13-19.
И вториот дел тргна подобро за Флензбург кој отвори со два гола, а сè останато понатаму беше рутина. Успеа германскиот колектив без проблем да го исконтролира натпреварот, па пред финишот достигна и максимални „плус десет“ (21-31). Сепак, на тоа Монпелје имаше одговор и со четири гола го ублажи колку-толку поразот.
Флензбург до победата го предводеа Лукас Јоргенсен со десет и Емил Јакобсен со девет гола, додека кај Монпелје се истакна Монте Дос Сантос со „шест од шест“.
ФОТО/PHOTO: European handball federation




