Флензбург лесно преку Кристијанштад, ќе ги чека Барса или Монпелје во четвртфинале

Ракометарите на Флензбург по победата над шведскиот шампион Кристијанштад на првиот осминафинален натпревар на гости, триумфираа и на реваншот со 27-24. Германскиот тим сега ќе го чека победникот од двобојот меѓу Барселона и Монпелје за да го дознае последниот противник пред завршниот турнир во Келн.

Гостите од Шведска отворија со водство, 0-1, го одржуваа до 2-3 во играта за гол, пред да влезат во „мелницата“ на Флензбург. Германците направија серија од 5-0 и поведоа со 8-3, со што ставија до знаење кој е кој на овој дуел. До крајот на полувремето уште во неколку наврати имаа +5, но на пауза се замина со 13-9.

Во второто полувреме Кристијанштад стигна на два пати да намали на -2, но ништо повеќе од тоа и Флензбург одигра рутински во завршницата за конечни 27-24. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Ласе Сван со пет голови, а по четири дадоа Гландорф, Закаријасен и Готфридсон, додека кај Кристијанштад се истакна Липовац со шест погодоци.