Флензбург го надигра и му го препушти последното место на Динамо Букурешт

Флензбург

Дуелот на дното на табелата во Групата Б им припадна на ракометарите на Флензбург кои на домашен терен беа подобри од Динамо Букурешт (37-30) во седмото коло од Лигата на шампионите.

Бундеслигашот влезе во позитивна серија на последните два настапи. Натпреварите пред својата публика ги искористи за да го поправи бодовното салдо и да ја напушти последната позиција.

Флензбург имаше подобар почеток и направи разлика од највисоки четири гола. Меѓутоа, потоа се опушти, а тоа го искористи романскиот претставник за да избори егал на пауза (14-14). Советите од соблекувална подобро ги имплементира домаќинот, кој одново направија серија и побегна на пристојна разлика. На десет минути до крајот се одлепи на плус шест, што влијаеше на самодовербата на гостите дека можат да извлечат некој бод на ова гостување.

Ване очекувано беше најефикасен кај германскиот тим со осум погодоци, а кај Динамо прво име беше Ашем Шебиб со девет гола.

Утре се играат преостанатите четири меча од седмото коло. Вардар 1961 ќе му гостува на ПИК Сегед, Кил ќе го пречека Алборг, ПСЖ ќе биде домаќин на Порто, а големо дерби ќе одиграат Барселона и Киелце.