• Горан Упале
По двете реми средби во низа, ракометарите на Флензбург славеа во германското дерби во Европската лига и од првата позиција ќе патуваат директно во четвртфиналето во второто по ранг натпреварување на ЕХФ. Во „Фленс Арената“ падна екипата на Гумерсбах со 32-30 (16-16).
Израмнето се играше до самиот финиш, поточно до 55. минута, кога Флензбург влезе во ритам и со три врзани гола успеа резултатски да се одлепи и да ја запише четвртата победа во групата 4. Јакобсен со осум и Јоргенсен со шест гола беа најпрецизни кај домашниот тим, а за поразениот тим најдобар беше Шлуроф со десет погодоци.
Во рамки од оваа група Тулуз ја оправда улогата на фаворит против Татабања и во Унгарија славеше со 31-33.
Покрај Тулуз, во елиминационата фаза се пласира уште еден француски тим. Монпелје ја потврди доминацијата во групата 1 и на гости кај Кремс го запишаа петтиот триумф (31-32) за потврда на лидерската позиција. ГОГ Гудме, пак, ја доби драмата со Граноњерс (32-31) и заедно со Кремс ќе патува во осминафиналето.