Флензбург експресно реагираше по повредата на Смитс, потпиша со хрватскиот „џин“ Копљар

Поранешниот капитен на ракометната селекција на Хрватска, Марко Копљар, ќе има нов предизвик во кариерата и потпиша за германски Флензбург до крајот на сезоната. Бундеслигашот, поради сериозната повреда Кај Смитс, мораше експресно да реагира на трансфер-пазарот и Копљар е реакцијата на тој хендикеп. 

„Многу му сме благодарни на Копљар што се согласи да дојде во Флензбург на толку краток рок. Тој ќе ги олесни задачите на Никлас Киркелоке како десен бек и, пред сè, ќе го збогати тимот со неговото национално и меѓународно искуство“, рече извршниот директор Холгер Гландорф.

Задоволство од потписот искажа и хрватскиот „џин“.

„Благодарен сум и горд што ќе имам можност да го носам дресот на Флензбург. Поканата на Љубомир Врањеш секако беше малку изненадувачка, но ја разбирам ситуацијата овде и би сакал да помогнам“, рече 39-годишниот Хрват на презентацијата.

Копљар играше за Фуксе Берлин од 2017 до 2024 година, а претходно ги бранеше боите на Загреб, ПСЖ, Барселона и Веспрем.