Финале на непоразените: Бајка на Германија, или петто злато за Норвешка?

По вкупно 106 одиграни натпревари во пет градови-домаќини, светската круна во женскиот ракомет ќе биде доделена во „Ахоj арената“ во Ротердам, каде што на теренот ќе излезат двете единствени непоразени селекции Германија и Норвешка.

Прашањето е јасно: дали ко-домаќинот Германија може да одигра уште еден спектакуларен натпревар, да ја изненади фаворизираната Норвешка и да го освои трофејот по пауза од 32 години, или пак Норвешка ќе продолжи да ја испишува својата златна историја со освојување на петтата светска титула? Едно е сигурно, во недела во Ротердам ќе биде крунисан нов светски шампион, откако Франција испадна од турнирот. Германија игра за својата втора светска круна, додека Норвешка се бори за својата петта титула.

И Германија и Норвешка до финалето стигнаа без пораз и со релативно лесен пат. Победата над актуелниот шампион Франција во полуфиналето на Германија ѝ донесе прво финале на Светско првенство по 32 години и нов сон за злато, слично на 1993 година кога ја освои титулата. Дури и во случај на пораз, Германија би испишала историја со сребрен медал, прв на Светско првенство по бронзата во 2007 година. Од другата страна е Норвешка, селекција која ја дефинира модерната ера на женскиот ракомет. Селекторот Гјекстад има шанса дополнително да го продолжи наследството од неговиот претходник Хергеирсон, кој од 2009 година освои шест медали на осум Светски првенства. Ова финале е и последна голема сцена за легендарната голманка Катрин Лунде, која го игра својот последен турнир и има можност да дојде до третото светско злато. Норвежанките влегуваат во финалето како најкомплетен тим на шампионатот, со најдобар напад и најцврста одбрана, постигнаа 282 гола (просек 35,2 по натпревар), а примија само 156 (19,5 по меч). Германија, пак, го има четвртиот најдобар напад со 261 гол и втората најдобра одбрана со 172 примени погодоци. Финалето носи и директен дуел меѓу капитенките во трката за најдобар стрелец. Норвежанката Хени Рајстад има 50 гола, додека Германката Антје Дол е веднаш зад неа со 48.

Ова ќе биде седма меѓусебна пресметка меѓу Германија и Норвешка на Светските првенства, а статистиката е целосно на страната на Норвешка, која ги добила сите шест претходни дуели. Последен пат двете селекции се сретнаа во полуфиналето во 1997 година. Во мечот за бронзениот медал, кој ќе претходи на големото финале, силите ќе ги одмерат Франција и ко-домаќинот Холандија.

ФОТО: IHF