„Филозофијата на Петрески ме донесе во Тиквеш, Суперлигата е примамлива за секој Балканец“

Покрај фаворитите Еурофарм Пелистер, Вардар и Металург, може да се каже дека тимот на Тиквеш е најактивниот суперлигаш на трансфер-пазарот. Новајлијата во мак-елитата е решен да создаде респектабилен тим, кој ќе се бори за место во плеј-офот, а за таа цел тренерот Томе Петрески главната улога на организатор на играта му ја додели на српскиот интернационалец Душан Медиќ.

Искусниот среден бек, по неколкуте сезони одиграни во домашниот шампионат се реши за нов предизвик и ја прифати понудата на кавадарчани. Медиќ за Gol.mk открива дека најголема заслуга за неговиот трансфер во Тиквеш има тренерот Томе Петрески, а ги искажа и своите очекувања од новиот предизвик. 

„Клучен фактор за мојот премин во Тиквеш беше тренерот Томе Петрески. Во разговорот со него сфатив која ќе биде мојата улога во тимот. Да бидам искрен, ми се допадна и филозофијата на Петрески каков тим и каква игра сака да создаде во Тиквеш. Секако, и луѓето од управата покажаа професионализам и комплетниот впечаток се совпадна со моите амбиции“, вели српскиот бек.

Медиќ на маса имал повеќе понуди, како од странство така и од Србија, но во овој момент сметал дека Тиквеш е неговиот вистински избор.

„Имав уште неколку понуди од странство, како и опција да останам во Србија, но мислам дека македонската лига во овој момент е вистинското ниво за мене и со нетрпение го чекам предизвикот што претстои“, додаде Медиќ.

Српскиот бек верува дека Тиквеш може да игра важна улога во новата сезона во Суперлигата.

„Ако не се лажам, екипата на Тиквеш имаше 100% учинок минатата сезона. Исто така знам неколку добри поединци кои ќе го формираат столбот на тимот во следната сезона. Со неколкуте засилувања што пристигнаа, мислам дека со право ги негуваме амбициите. Со добра работа, моја лична желба е да се пласираме во плеј-офот на Суперлигата“, вели новиот бек на кавадарчани. 

Судејќи по квалитетот на суперлигашите во последните сезони, Медиќ смета дека Македонија иепримамлива дестинација за секој ракометар од Балканот.

„Свесен сум за квалитетот на македонската лига и мислам дека е примамлива дестинација за секој ракометар од Балканот. Клубовите веќе работат на новите засилувања и од она што може да се види досега, нè чека интересна и неизвесна сезона, што е за почит. Сепак, покрај почитта, спортски е да се размислува на начин на кој сакам да се натпреварувам со најдобрите тимови, како на лично, така и на тимско ниво. Со добра соработка со тренерот, можеме да очекуваме резултат, но во спортот крајната цел зависи од многу фактори. Во секој случај, ќе биде интересно и едвај чекам да се натпреварувам со најдобрите“, рече Медиќ.

Во Кавадарци Медиќ доаѓа од тимот на Раднички од Крагуевац, каде мина две одлични сезони.

„Одлуката да го напуштам Раднички од Крагуевац не беше лесна. Минав две прекрасни сезони таму и навистина многу му должам на клубот. Раднички функционираше професионално и на начин како ретко кој друг клуб во Србија“, завршува новиот организатор на играта на Тиквеш. 

Медиќ треба да претставува големо засилување за Тиквеш, клуб кој својот ростер за следната сезона го збогати уште со Белорусинот Андреј Хапел, Смиљаниќ и кружниот напаѓач Пеце Ѓорѓиоски.