• Горан Упале

Македонскиот ракометен ас Филип Талески и официјално е нов член на ГРК Охрид. Искусниот лев бек по неколкунеделните преговори се договори со охридскиот клуб и во новата сезона ќе го носи дресот на „гладијаторите“, дознава Gol.mk.
Талески во Охрид пристигнува од унгарска Татабања, каде што настапуваше во вториот дел од минатата сезона, откако претходно се раздели со Вардар.
Зад себе има богата интернационална кариера. Ракометните чекори ги направи во Металург, а потоа настапуваше за германските Рајн Некар Левен и Балинген. Следуваше преселба во Вардар, каде мина три сезони, по што две години го носеше дресот на португалска Бенфика, пред повторно да се врати во Вардар.
Со ангажманот на Талески, Охрид добива огромно засилување во бековската линија и одбраната во пресрет на новата сезона, во која клубот ќе има високи амбиции на домашната и европската сцена.
