Филип Талески се прости од Татабања: Беше неверојатно...

Македонскиот интернационалец Филип Талески ја напушти Татабања по истекот на договорот и крајот на сезоната. За крај унгарскиот клуб и Талески загубија во финалето на Европскиот куп на ЕХФ од Охрид, па авантурата не му заврши баш најсреќно. 

Талески беше дел од Татабања една полусезона, откако замина од редовите на Вардар по само неколку месеци. Сега Македонецот се раздели со Унгарците и ќе побара нова средина за следната сезона. Талески преку социјалните мрежи се заблагодари за шансата да заигра за овој клуб.

„Неверојатна беше можноста да се носи овој дрес. Татабања можеби е мал град, ама има огромен ракометен дух. Благодарност до сите во тимот и на едни од најдобрите навивачи“, напиша Талески.

Во кариерата Талески тргна преку Металург, па играше за Рајн Некар Левен и Балинген во Германија, потоа мина три сезони во Вардар и уште две во Бенфика пред да се врати во „црвено-црното“ семејство.