Кузмановски го раскина договорот со бундеслигашот Вецлар

Македонскиот репрезентативен бек Филип Кузмановски ќе побара нов предизвик во кариерата, бидејќи повеќе не е дел од германскиот бундеслигаш Вецлар. 

27-годишникот спогодбено го раскина договорот со Германците. Кузмановски пристигна во Вецлар оваа година, а таму соработуваше со Филип Миркуловски кој е асистент. Сепак, според соопштението на клубот, тој побарал да замине. 

„Договорот со Кузмановски го прекинавме спогодбено. Филип дојде со желба да му дозволиме да замине од клубот. Ние прифативме, исто така бидејќи тој не ги исполни во целост спортските очекувања. Му благодариме за неговата посветеност и му посакуваме многу среќа во иднината“, е изјавата на директорот Бјорн Сеип.

Кузмановски за Вецлар одигра 27 натпревари, постигна 25 погодоци. Кариерата му тргна во Пелистер, потоа се етаблира на македонската сцена со настапите во Металург. Популарниот Фитиљ имаше кратка епизода и во Еурофарм Работник, по што направи трансфер во Магдебург. По една сезона во редовите на овој клуб се пресели во Хановер и од 2020 се задржа до оваа година, пред да се пресели во Вецлар.