Филип Кузмановски и Никола Митревски меѓу најдобрите по групите во ЛШ!

Лидерите на Еурофарм Пелистер капитенот Филип Кузмановски и голманот Никола Митревски беа меѓу најдобрите по групната фаза во Лигата на шампионите. 

Кузмановски е во топ десет по двата најважни параметри во нападот. Капитенот на пелистерци е на петтото место на листата стрелци со 87 погодоци. На врвот апсолутен лидер е Марио Шоштариќ од ПИК Сегед со 102 гола, па следат Матијас Гидсел (91), Мартим Кошта (89), Камил Шипшак (88). 

Исто така Кузмановски е меѓу најдобрите асистенти, поточно котира на седмото место со 37 проигрувања за гол до соиграчите. 

Што се однесува до Никола Митревски, тој исто така беше пласиран меѓу најдобрите десет голмани според бројот на интервенциите.

Еурофарм Пелистер ја заврши групата на претпоследното место во групата А со осум бода, откако забележа три победи, два меча ги одигра нерешено, а забележа и девет порази.