• Мартин Танасковски
Селекторот Кирил Лазаров по натпреварот со Португалија го коментираше и изданието на Филип Кузмановски. Капитенот ја презеде лидерската улога и даде 15 гола во ремито (29-29) со големиот фаворит на хартија.
„Капитенот Филип Кузмановски е голем играч и ако некој верува во него, тоа сум јас. Но, само кога е цврсто на земја. За некои работи мора да ме послуша. Со респект за неговиот клуб, Еурофарм Пелистер, тој има потенцијал за врвен клуб, но малку треба да го смени карактерот и ќе игра во врвен клуб.“, изјави Лазаров.
Петнаесетте гола на Филип Кузмановски се израмнување на голгетерскиот рекорд на Кирил Лазаров од 2009 година, кога на Светското првенство нашиот најдобар ракометар постигна исто така 15 гола против Јужна Кореја.





