Филип Ивиќ си оди од Еурофарм Пелистер и ќе брани во Србија!?

Ракометниот клуб Војводина во краток временски период остана без два клучни голмани – Фран Лучин, кому му истече договорот, и Андреј Трнавац, кој одлучи да се врати во Партизан, иако имаше важечки договор со клубот од Нови Сад. Сепак, раководството на Војводина веднаш реагираше и започна потрага по соодветна замена.

Според ексклузивните информации на српскиот медиум „Дневник“, на прагот на трансфер е искусниот хрватски голман Филип Ивиќ, кој би можел да стане новата голманска единица и заштитно лице на тимот.

Ивиќ е роден во 1992 година во Загреб и своите први сериозни чекори во ракометната кариера ги направи токму во редовите на хрватскиот гигант ППД Загреб. Таму, уште како млад, стана прв голман и дебитираше во Лигата на шампионите. Неговите одлични настапи го привлекоа вниманието на клубови надвор од Хрватска, па во 2016 година потпиша за полскиот гигант Виве Киелце, со кој освои бројни трофеи и играше во најсилните европски натпреварувања.

Понатаму во кариерата ги бранеше боите на германски Гумерсбах, словенечки Цеље, француски Шамбери, а настапуваше и за македонскиот Еурофарм Пелистер. На репрезентативен план, Ивиќ беше дел од хрватската селекција и го освои бронзениот медал на Светското првенство во 2013 година. Очекувањата се дека неговото искуство и квалитет ќе претставуваат огромна придобивка за амбициозната екипа на Војводина во новата сезона.