• Мартин Танасковски

Екипите на ЖРК Ѓорче Петров, ЖРК Чаир и ЖРК Металург Автокоманда ги одбранија домашните терени и забележаа очекувани победи во плеј-офот на женската ракометна Суперлига.
Шампионот од Ѓорче Петров славеше во градската пресметка со ЖРК Вардар со резултат 29-21, на полувреме беше 15-9. Најдобри беа Ана Вранчиќ и Ивана Дежиќ со по шест гола кај „лавиците“, додека кај вардарки Марија Голабоска и Леона Миленковска имаа по четири гола.
ЖРК Чаир исто така не виде мака со ЖРК Астибо од Штип, победи со 32-27, а по првиот дел имаше високи 19-10. Стефанија Ѓеоргиевска броеше до 12 кај победникот, а кај гостинките очекувано Марија Анчева беше прво име со 15 гола.
ЖРК Металург Автокоманда на домашен терен го доби дуелот со ЖРК Куманово, со 27-20. Јана Ѓошевска имаше девет гола, а Марија Јанкуловска погоди седум пати, додека кај кумановчанки Сузана Зечевиќ имаше осум гола.