„Фараоните“ од Египет се чекираа меѓу најдобрите осум, но чекаат позиција

Ракометната репрезентација на Египет си ја оствари целта и со победа над Аргентина (34-27) во последното коло од групната фаза ја потврди нокаут-рундата на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Париз.

„Фараоните“ заслужено се во следната фаза, пред се поради одличното второ полувреме во кое ја направија разликата. Аргентина, која е без бодови, имаше минимална предност по првото полувреме (14-15), меѓутоа работите во вториот дел си дојдоа на место за Египет заради ѕвездите Елдера, Хешам и Зеин.

Најдобри стрелец кај Египет беа Зеин и Елдера со по шест гола, пред Хешам и Сад со по пет гола. Кај Аргентина, прво име беше Пизаро со шест реализации, додека Москариело, Паркер и Мојано дадоа по четири гола.

Египет во моментов е на позицијата број два во Групата Б со седум бода, веднаш зад Данска. Во последниот меч играат Данска и Норвешка и ако во скандинавското дерби победат Данците, Египет ќе биде број два заради седумте бода, а Норвешка број три со шест бода. За позицијата број четири во директен дуел играат Франција и Унгарија.