• Горан Упале
Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа уште една рутинска победа во домашниот шампионат. Во првиот денешен натпревар од 13. коло во Суперлигата „зелено-белите“ во салата „Боро Чурлевски“ лесно го совладаа составот на Струга (26-43) и со тоа ја забележаа единаесеттата победа во сезоната.
Натпреварот требаше да се одигра во Струга, но поради проблемите во салата „Нико Нестор“ стружани побараа да гостуваат во Битола. Оваа средба беше одбележана и со враќањето на македонскиот репрезентативец Ненад Костески, кој по долгата пауза поради сериозната повреда на коленото се врати на паркетот и одигра фантастична партија.
Стружани, иако беа аутсајдери, одлично се држеа против шампионот. Богдан Мијушковиќ, кој всушност е играч на Еурофарм Пелистер на позајмица во Струга, беше расположен за надигрување и благодарение на неговата одлична игра стружани го следеа чекорот на фаворитот во првото полувреме. На пауза се замина со само два гола предност за битолчани (17-19), Мијушковиќ беше автор на пет гола, додека кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Цветан Кузманоски со седум и Ненад Костески со пет погодоци.
Во вториот дел стружани очекувано го загубија чекорот со фаворизираниот ривал и пелистерци од минута во минута го зголемуваа водството и на крај се изборија за убедлива победа од 25-43. Одмараа Митревски и Кузмановски, малку играше Хосни, а во протоколот не беа Мамдух, Радивојевиќ и Манасков. Овој натпревар за македонскиот шампион беше еден вид на предигра пред клучниот натпревар во Лигата на шампионите против Висла, кој е закажан в среда од 20:45 часот во Битола.
- Комплетниот натпревар меѓу Струга и Еурофарм Пелистер:
Во таборот на пелистерци најпрецизни беа Цветан Кузманоски со девет и Нејц Цехте со осум гола, а Ненад Костески натпреварот го заврши со шест погодоци. На спротивната страна Богдан Мијушковиќ впиша шест гола. Со овие бодови првакот се израмни на врвот со Алкалоид и Вардар 1961 со по 22 бода (скопските тимови имаат натпревар помалку).