Езкан: Амбициите на ЖРК Чаир ми се мотив, уживам што ќе бидам дел од приказната

Турската ракометна репрезентативка Севда Езкан е едно од првите засилувања за ЖРК Чаир за следната сезона. Тимот најавува амбициозен проект со кој ќе се бори за врвот, кој истовремено го препознала и Езкан, па затоа се решила на трансфер во Македонија.

„ЖРК Чаир ќе биде нов чекор во мојата кариера, ме импресионира фактот дека се посакува успех. Управата најавува градење на топ-тим и јас сакам да сум дел од него. Благодарна сум за шансата и едвај чекам да започнеме. Имам високи очекувања од сезоната, затоа што вербата во тимот на ЖРК Чаир за успех ме мотивира. Верувам дека со напорна работа ќе ги постигнеме нашите цели. Да се биде дел од тим со шампионски амбиции, само по себе е мотив“, изјави турската ракометарка.

ЖРК Чаир заврши на третото место во плеј-офот во македонскиот шампионат, зад првакот ЖРК Ѓорче Петров и зад ЖРК Куманово. Поради позицијата, чаирчанки ги чека настап во европските купови на ЕХФ.