Европското финале на Алкалоид го менува терминот на Ф4 на Купот на Македонија

Големиот успех на македонскиот освојувач на Купот, Алкалоид Ракомет од Скопје и пласманот во финалето на ЕХФ Купот, веројатно ќе го помести завршниот турнир на Купот на Македонија во ракомет. 

Клубот од Автокоманда по изведување на седмерци го елиминира Рунар од Норвешка и следниот месец против АЕК Атина ќе игра за европски трофеј. Термините за овој двомеч се 17/18 и 24/25 мај. Со оглед на тоа што завршницата од Купот на Македонија е планирана да се игра од 15-18.мај, поклопувањето е комплетно и веројатно ќе се бара нов термин, а не е исклучено првпат Куп-завршницата да се игра среде недела. 

Утре ќе бидат познати сите учесници на завршницата на Купот на Македонија кога ќе бидат одиграни натпреварите од групата 1, каде е организатор е токму Алкалоид. Учество во полуфиналето обезбедија Еурофарм Пелистер, Охрид и Вардар 1961.