Европскиот владетел ќе ја брани круната во Келн

Германскиот бундеслигаш Магдебург е последниот патник на завршниот Фајнал-фор турнир во Лигата на шампионите, откако и по вторпат го совлада ПИК Сегед. По убедливата победа на гости од 35-28, германскиот шампион славеше и на реваншот во Гетек Арена со 45-37 и на доминантен начин обезбеди место меѓу четирите најдобри екипи во Европа.

Тимот на Бенет Вигерт уште од почетокот го контролираше натпреварот. Гостите од Унгарија поведоа само на стартот, а потоа Магдебург целосно ја презеде иницијативата и на паузата имаше предност од 23-19. Во второто полувреме германскиот состав ја потврди разликата во квалитет и рутински стигна до нов триумф.

Најефикасни кај победникот беа Омар Магнусон со осум и Лукас Петерсон со седум погодоци. Кај ПИК Сегед, најрасположен беше Арон Смарасон со седум гола. Покрај Магдебург, на Ф4 турнирот во Келн ќе настапат и Барселона, Фуксе Берлин и Алборг.

Завршницата во ракометната Лига на шампиони ќе се игра на 13 и 14 јуни во „Ланксес Арена“.