Еурофарм загуби нов трилер, Кокс им го предаде „фенерот“ на битолчани

Македонскиот вицешампион, Еурофарм Работник ќе ја заврши сезоната во Лигата на шампионите без гостинска победа. Иако играа рамноправно и во делови подобро од Кокс, битолските „фармацевти“ загубија и од шампионот на Финска со 23-21 (13-13) и ќе завршат на последното петто место во групата Ц на Лигата на шампионите. И покрај дури 17 израмнувања, битолчани заглавија со идеи во нападот во финишот и Финците тоа го казнија.

Првиот дел целосно беше израмнет. Македонскиот вицешампион кога играше добра одбрана, лесно доминираше, но при брза игра и чести технички грешки Кокс се враќаше. По 4-4 по првите десет минути, Митревски одбрани неколку зицери и екипата на Алушовски поведе со +2. Јотиќ постигна три гола, се разиграа и крилата, а погодуваше од линијата и Олександр Шевелев. Сепак, Финците имаа свои адути, рускиот голман Шицко одбрани шест топки до одморот, а Луканчук со четири гола се избори за 13-13 на полувреме. 

Вториот дел започна со нереализиран седмерец на Јотиќ и покрај изнуденото исклучување. Во играта со човек помалку битолчани постигнаа два гола, Чаневски одбрани три зицери и Еурофарм Работник поведе (16-17). Никола Маркоски постигна два гола, но Шицко на голот и Гуглета возвратија за 18-18 на половина од вториот дел. Видливо беше дека Луканчук е најголемата опасност, но и Таминен нанижа пет гола.

Со дури 16 израмнувања, во последните десетина минути се влезе со 20-20 и голема драма. Еурофарм Работник се почесто ги завршуваше нападите под закана од пасивен напад, но одбраната беше на висина на задачата. Чаневски одбрани три чисти зицери и нововлезениот Граџан со својот првенец погоди за 20-21 во 52. минута. 

По неколку прокоцкани напади за водство, битолчани беа казнени и Наница реализираше за 22-21 во 58. минута. Под изнуден удар не погоди Јотиќ и Сирјала со својот прв гол ја запечати судбината на Еурофарм Работник (23-21).

Најефикасни во тимот на Еурофарм Работник беа Јотиќ со пет и Остроушко со четири гола, а во таборот на Кокс се истакнаа Таминен со шест и Луканчук со пет погодоци. Сепак, првиот стрелец во Лигата на шампионите, Владислав Остроушко имаше лош ден, посебно во нападот, и не успеа да ја направи разликата. Митревски и Чаневски запишаа по пет одбрани, а Шицко собра 13 интервенции.

Битолчани своето прво издание на Лигата на шампионите ќе го завршат следната сабота во Битола против шпанскиот вицешампион Бидасоа Ирун

Лига на шампиони (М), Група Ц
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 Бидасоа ИрунБидасоа Ирун 10 6 3 1 297:246 51 15
2 СпортингСпортинг 1 10 6 2 2 309:266 43 14
3 СавехофСавехоф 1 10 6 0 4 268:278 -10 12
4 Татран ПрешовТатран Прешов 1 10 3 1 6 260:279 -19 7
5 КоксКокс 1 10 3 0 7 239:290 -51 6
6 Еурофарм РаботникЕурофарм Работник 10 3 0 7 265:279 -14 6