Еурофарм тргна ефикасно, му даде 35 гола на Ескилстуна Гуиф

Екипата на Еурофарм Работник на одличен начин ја започна новата натпреварувачка сезона, барем кога во прашање е подготвителниот период. Македонскиот вицешампион по пеколните тринеделни припреми на Маврово, вечерва го одигра првиот контролен натпревар против шведскиот тим Ескилстуна Гуиф. 

Избраниците на Стевче Алушовски тргнаa ефикасно, затоа што против шведскиот прволигаш постигнаа 35 гола и извојуваа заслужена победа од 35-31.

Битолчани уште од самиот старт на мечот наметнаа стил и темпо на игра кое му создаде проблеми на противникот, па на полувреме се заминаа со позитива од четири гола разлика (21-17). 

Во вториот дел Алушовски се реши шанса да им даде и на ракометарите од клупата, па темпото на игра спласна. Грешките преовладуваа во двата табора, а шведскиот тим во 45. минута успеа да израмни на 27-27 и најави неизвесен финиш. Но, македонскиот вицешампион не дозволи изненадување и со ефикасна игра во последните десет минути забележа победа од 35-31.

Експедицијата на Еурофарм Работник утре се одјавува од Маврово и се сели во Струга, каде ќе биде дел од традиционалниот Струшки ракометен турнир. Својот прв натпревар покрај езерото ќе го игра в среда против Пролетер.