Еурофарм се раздели со уште еден бек, спогодбено раскинат договорот со Ивановиќ

По Стефан Дрогришки, кој пред неколку седмици премина во редовите на Пелистер, лидерот на табелата во Суперлигата, Еурофарм Работник, се раздели со уште еден ракометар со кого ја започна новата сезона во домашниот шампионат. 

Српскиот интернационалец Никола Ивановиќ, не е повеќе член на битолскиот суперлигаш, откако по состанок со раководството на клубот спогодбено беше раскината соработката и во иднина ќе ги брани боите на друг клуб. 

Со овој потег „фармацевитете“ остануваат со само еден лев бек, искусниот Михаил Петровски, што значи дека оваа зима тренерот Ѓорѓе Чирковиќ ќе мора да се засилува на оваа позиција. 

Еурофарм Работник со големи амбиции ја започна оваа сезона, и очекувањата полека ги остварува. По 11 натпревари во Суперлигата е лидер на табелата без загубен меч, а во своето премиерно издание во ЕХФ Купот успеа да испише историја и да се обезбеди група фаза, во која ќе се судри со Нексе, Татабања и Хановер.