Еурофарм Работник загуби минимално од Целје на Струшкиот турнир

Ракометарите на Еурофарм Работник се поразени во првото коло од групната фаза на 46. издание на Струшкиот турнир. Вториот македонски претставник, покрај домаќинот Струга, загуби од словенечкиот шампион Целје Пивоварна Лашко со 23-22.

По почетните 3-3, Целје направи серија од четири голови за 7-3. Еурофарм Работник секогаш беше тука некаде, намалуваше на два или три разлика, но Целје ја имаше контролата на теренот. На пауза се замина со 13-7, со голот кој го постигнаа Словенците во последната секунда од првиот дел.

Продолжи истиот ритам и на почетокот на вториот дел. Целје ја одржуваше предноста некаде до средината. По 17-12, Трајковски одбрани неколку удари во серија, па Еурофарм Работник намали на 17-15 со головите на одличниот Чурлевски. Имаше и напад за -1, но не погоди Маркоски. 

Словенечкиот шампион повторно се одлепи, па во 55. минута имаше 22-18. Еурофарм имаше последен обид за нешто повеќе. Се доближи на 22-20, беше и 23-21, но Талевски не успеа да даде гол. Целје се сплетка во последниот напад и Кузманоски ги постави конечните 23-22 со гол во последната секунда.

Најдобар поединец во составот на Еурофарм Работник беше Филип Чурлевски со шест погодоци, а по три дадоа Никола Маркоски и Милан Ѓукиќ.