
Помладиот битолски суперлигаш Еурофарм Работник по вторпат за две седмици го победи тимот на Пелистер. Ако тогаш натпреварот беше само за престиж, вечерашниот беше за стартни бодови во разигрувањето за титулата. „Фармацевтите“ победија со 22-15, во натпревар во кој видовме одлична игра во одбрана и голема борба на сите страни на теренот.
Еурофарм Работник започна според тоа како што посакуваа и поведоа со 3-0. Пелистер не го виде голот на Умовиц цели осум минути, пред конечно да реализира пикерот Петров. По „домашното“ водство на Еурофарм со 4-1, тренерот на Пелистер, Борче Марковски веднаш побара тајм-аут.
На 4-2 намали Митиќ, а Еурофарм ја одржуваше предноста до 6-4. Тогаш избраниците на Илија Темелковски направија две непотребни грешки во нападот и пелистерци веднаш казнија преку грузискиот тандем Орјоникидзе и Чантурија за 6-6, што беше причина за минута одмор и за „фармацевтите“.
Во 20. минута босанскиот интернационалец Граџан влезе во вербален дуел со Митревски, и двајцата добија исклучување, но страстите брзо се смирија. Беше 7-7, па 8-8, а во следниот период Пелистер промаши два пенали и Еурофарм Работник поведе со 10-8. Сепак, Чуриќ стрелаше и се погрижи за 10-9 на паузата.
Беше 12-11 на стартот на вториот дел и тогаш Умовиц одбрани неколку удари, пелистерци згрешија во нападот двапати и Еурофарм се одлепи на највисоки +4, 15-11. Беше и 16-12, но Пелистер заигра подобро во одбрана, па Чуриќ и Орјоникидзе намалија на 16-14.
Мемиќ влезе во дефанзива кај Еурофарм Работник и изнуди две грешки на пелистерци, по што неговите соиграчи го погодија голот на Рајчиќ и зголемија на 18-14. Беше и 20-15, а Пелистер тешко погодуваше во мрежата на расположениот Ивановски. До крајот стрелаа уште Граџан и Петровски за конечни 22-15 и голема радост на „фармацевтите“.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа крилата Ојлески и Мојсоски со по четири погодоци, додека кај Пелистер се истакна Орјонидзе со шест голови, а Чуриќ погоди трипати. Во следното коло Еурофарм Работник гостува кај шампионот Вардар, додека Пелистер ќе оди на гостување кај Пролет.