Еурофарм продолжува да гази во Суперлигата, Бутел без сили за нова сензација

Екипата на Бутел не успеа да приреди уште едно големо изненадување во ракометната Суперлига, откако на свој терен остана без сили против лидерот Еурофарм Работник. 

Битолскиот клуб уште еднаш ги потврди големите амбиции во оваа сезона и со фантастична игра во текот на сите 60 минути стигна до лесна победа над новајлијата во лигата од 18-23. 

Бутелци добро се држеа на самиот почеток, играа егал со големиот фаворит, но во продолжение Еурофарм заигра далеку поквалитетно и носен од искусните Петровски и Кузманоски брзо се одлепи и стигна до водство од +5 гола (6-11). 

На полувреме се замина со 9-14 за битолчани, а Ѓукиќ влезе во серија и гостите стигнаа до највисоки +6 (10-16), позитива која ја одржуваа до самиот финиш. Бутел на 10 минути до крајот успеа да намали на три гола и да ја врати неизвесноста во мечот (17-20). 

Сепак, во клучните моменти пресуди искуството и избраниците на Чирковиќ со трпелива игра во напад го сведоа мечот во своја полза, за победа од 18-23. 

Ѓукиќ со шест и Кузмановски со четири гола беа најефикасни кај битолчани, а Мајиќ со шест гола беше најефикасен во таборот на поразениот Бутел.