• Иван Димовски

Ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа пораз на гостувањето кај Спортинг 30-24 (14-13) во 11. коло на Лигата на шампионите. Првата рунда по зимската пауза понуди борба во Лисабон, а пелистерци имаа сили за да парираат во првото полувреме и на стартот на второто. Сепак, потоа следеше пад во играта и португалскиот претставник се одлепи и стигна до убедлива победа.
Се мачеа пелистерци на стартот, не реализираа Радивојевиќ и Хосни, а погреши и Кузмановски. Тоа домашната екипа знаеше да го казни и стигна до предност од 3-0. Првиот гол на битолчани дојде преку Хосни во петтата минута. Погодуваа Шебиб и Радивојевиќ за македонскиот првак да се одржи на „минус три“, а потоа промаши три напади на резултат 6-3. Конечно по првата интервенција на Митревски, на 6-4 намали Кузмановски. Успеаја пелистерци да фатат приклучок, погодуваа Шебиб, Пешевски и Хосни за резултатот да дојде првпат до егал (7-7), а тоа го натера тренерот Кошта на тајм-аут на средината од полувремето.
Советите вродија со плод бидејќи Спортинг врза два гола (9-7), па повторно Хосни ја проби домашната дефанзива со нова реализација. Откако Португалците погодија за 11-8, на минута одмор за совети се реши и Раул Алонсо. Се одржуваше нашиот претставник близу, не му дозволи на домаќинот да се одлепи на „плус четири“ и потоа преку Пешевски и Кузмановски намали на 12-11. Иако Спортинг се враќаше на два гола предност, а Хосни даде гол за „минус еден“ на полувремето (14-13). На стартот на вториот дел пелистерци успеаја да израмнат и се играше егал. Сепак, португалскиот тим врза серија од 4-0 по неколкуте промашувања на македонскиот тим и се одлепи на 21-17.
Конечно Еурофарм Пелистер излезе од кризата, а тоа беше инспирирано од двата гола на капитенот Кузмановски за 21-19 по што Кошта пак свика тајм-аут. Одново погоди Фитиљ, но португалските ракометари погодија двапати на празна мрежа за повторно да биде четири разлика (24-20). Првпат поведе Спортинг и со „плус пет“, а Алонсо реши да подели совети. Следеше дополнителен пад, Португалците ги казнија сите грешки и со серија од 7-1 целосно се одлепија (29-21). Во последните минути пелистерци се обидоа да вратат дел од негативата, но немаа сили за ништо повеќе.
Најефикасен играч на мечот беше Салвадор Роча со осум реализации, додека Торкелсон имаше седум гола. Во таборот на Еурофарм Пелистер се истакнаа капитенот Филип Кузмановски со шест и Усама Хосни со пет погодоци.