Еурофарм Пелистер во Нашице по први бодови во СЕХА лигата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува тежок испит во СЕХА лигата. По воведниот пораз од Војводина, битолчани гостуваат кај Нексе во Нашице во рамките на второто коло. Двата тима можеби неочекувано загубија од српскиот ривал во воведните дуели во групата, па сега ќе гледаат да се оддолжат.

Нексе е стар и добар познаник на Еурофарм Пелистер. Само во минатата сезона екипите имаа три меѓусебни пресметки во СЕХА и Европската лига на ЕХФ. Вкупно македонскиот и хрватскиот тим се среќаваа седум пати. Пелистерци беа подобри на три, додека ривалите славеа во четири наврати. Средбата во Нашице доаѓа непосредно по онаа во Војводина, па избраниците на Ларс Валтер се поуморни од противникот кој имаше доста време за одмор. 

Данецот за гостувањето во Хрватска нема да може да смета на оперираните Руди Сери и Емилијан Ѓорговски, како и Мохамед Суси и Мартин Велковски кои минуваат период на заздравување. Останатиот дел од тимот е на располагање, па Валтер ќе мора да калкулира со минутажата бидејќи го играа претходниот меч во понеделникот.

Сепак, простор за калкулации на резултатски план нема, Еурофарм Пелистер мора да ја нападне победата против Нексе со цел да се остане во игра за добар пласман по групната фаза. Сите три тима во групата ќе одат понатаму во следната фаза, меѓутоа подобро завршно место значи и полесен ривал. 

Средбата во Нашице е закажана за денес со старт во 18:00 часот.