Пелистерци во друштво на Барса и Целје меѓу сигурните учесници во ЛШ

Заради високиот рејтинг кој ја става Македонија меѓу осумте најдобри ракометни репрезенти на клупски план, оваа сезона нашиот шампион ќе игра директно во групната фаза на Лигата на шампионите. Рејтингот кој го донесоа најмногу Вардар 1961, но и Еурофарм Пелистер и Металург, веројатно и во сезоната 2024/25 ќе ни донесе директно место во елитата, што е за поздравување по сезоната во која заради казната на Вардар 1961, нашата земја немаше претставник во Лигата на шампионите. 

Еурофарм Пелистер синоќа ја потврди титулата и математички не може да биде достигнат од ривалите Вардар 1961 и Алкалоид на едно коло до крајот. Битолчани се враќаат во Лигата на шампионите по седумнаесет години и во овој момент се во друштво на Барселона и Целје Пивоварна Лашко меѓу сигурните учесници во групниот сегмент. Ним ќе им се приклучат прваците на Германија, Франција, Унгарија, Данска, Полска, Португалија, уште еден претставник на Бундеслигата и шест клуба кои ќе добијат специјална покана од Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Пелистерци ќе бидат распоредени во една од двете групи по осум екипи и ќе одиграат најмалку четиринаесет натпревари во елитната категорија. Според последните најави натпреварите ќе се играат во Битола, во спортската сала „Боро Чурлевски“, која треба да претрпи одредени промени, за да се приспособи на строгите критериуми на ЕХФ. Натпреварувањето ќе започне во септември 2023 година и ќе заврши со „фајнал-фор“ турнир во јуни 2024 година. 

Останатите македонски претставници ќе бидат познати по последното коло од плеј-офот, следниот викенд. Во Европската лига ќе играат два македонски тима (Алкалоид, Вардар 1961 - ако добие „зелено светло“ од ЕХФ, (или Тиквеш), а во ЕХФ Купот нашиот шампионат доби едно место, кое ќе го заземе Тиквеш (или Охрид ако Вардар 1961 не добие право на настап).