Еурофарм Пелистер триумфира кај Бутел пред Купот и дербито со Вардар

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оствари задачата, славеше на гости кај Бутел Скопје (26-29) и се загреа за настапот во Купот на Македонија, а потоа и за дерби-дуелот против Вардар кој следи во Битола.

  • Комплетниот натпревар на Бутел и Еурофарм Пелистер:

„Зелените“ овој меч го добија на искуство, иако Бутел имаше расположени голмани. Неколкуминутните блесоци беа доволни бодовите да заминат за Битола, а на Бутел до крајот на сезоната му останува борба за едно од местата кои водат во еврокуповите следната година.

Дуелот во Бутел стартува со игра гол за гол. Еурофарм Пелистер доста се мачеше да го скрши отпорот на Бутел, кој предводен од Печенковски во нападот се држеше со далеку посилниот ривал на хартија. Беше 7-7 во средината на првото полувреме, а потоа Хендави се разбрани, воедно даде и еден гол на празна мрежа, потоа Танкоски погоди за 9-10, па следеа два брзи гола на Костески преку контра и предноста замина на контото на гостинот од Битола (9-13).

Таа серија од три гола на пелистерци потоа се покажа како клучна. Избраниците на Жељко Бабиќ констатно ја држеа позитивата под контрола, беше 13-16 и на паузата, а потоа, откако Пелистер поведе со 17-22, следеше мало опуштање и пад на играта кое Бутел го искористи и дојде на два гола негатива (22-24) на десет минути пред крајот.

Главен играч кај Бутел во времето на кам-бекот беше голманот Даскаловски. Чуварот на мрежата имаше моменти на блесок, ги сопираше шутевите на пелистерци, ама неговиот тим никако не успеа да спушти под два гола разлика. Пелистер во неколку наврати напаѓаше за „плус четири“, но не успеаваше, па казната дојде преку Василевски кој намали на два негатива (24-26). Сепак, фаворитот не дозволи сензација, па со нов гол во мрежата на Бутел мирно го приведе дуелот кон финишот.

Периќ со шест, Мараш со пет и Костески со четири погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, а Хендави се истакна со осум интервенции. Младеновски со осум гола беше најдобар домашен поединец.