Еурофарм Пелистер сочува сили за Бутел и впиша нова рутинска победа во Суперлигата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер само два дена по големата победа во Данска во Лигата на шампионите, им се вратија на домашните обврски и запишаа нови бодови во Суперлигата. Пелистерци на гостувањето кај Бутел славеа со 24-29 и со тоа ја впишаа осмата победа оваа сезона, со која се искачија на третата позиција на табелата. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер:

Момците на Звонко Шундовски, кои беа истрошени од тешкото гостувањето во Одензе, сепак, сочуваа сили и за овој натпревар. Бутел Скопје одлично се држеше на стартот против фаворизираниот противник и на крилјата на Филип Николов, кој постигна пет гола во првото полувреме, не дозволи шампионот резултатски да се одлепи. Сепак, во финишот од полувремето пелистерци влегоа во ритам и на пауза заминаа со два гола предност (11-13).

Во вториот дел Еурофарм Пелистер имаше целосна контрола врз резултатот, и од минута во минута го зголемуваше водството, за на крај да слави со убедливи 24-29.

Во таборот на шампионот одново клучна улога имаше капитенот Филип Кузмановски. Македонскиот репрезентативец натпреварот го заврши со девет постигнати гола, а одлични кај победничката екипа беа и Богдан Радивојевиќ и Жарко Пешевски со по пет гола.