• Горан Упале

Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Пелистер го доживеа вториот пораз на гостинската СЕХА-турнеја. „Зелените“ по поразот од Војводина загубија и од Нексе (29-25) и со два порази тргнаа во регионалното натпреварување. Ова беа два гостински натпревари за битолчани и во март следат две домашни средби со Војводина и Нексе.
- Најдобрите моменти од натпреварот:
Нексе средбата ја започна со „четири од четири“ во фазата на напад и погодоци на искусните Кевиќ и Мелиќ, додека на спротивната страна пелистерци се мачеа во нападот. Данскиот бек Хенеберг промаши пенал, Хосни од девет метри, па домаќинот поведе со 4-2. Сепак, „зелено-белите“ брзо се созедоа, заидгра подобро во дефанзивата, а Хосни и Костески реализираа лесни голови за прво израмнување на натпреварот (4-4). Следуваше две минути суспензија за Василев и два врзани гола за „громовите“, но ниту овој пат Нексе не успеа да го сочува водството, бидејќи Костески со нов гол од своја позиција погоди за 6-6.
Лесјак својата прва одбрана на натпреварот ја забележа дури во 17. минута и тогаш се очекуваше дека Еурофарм Пелистер конечно ќе фати ритам, но следуваше нов пад и три гола во низа на домаќинит, за прво водство повисоко од два гола (9-6). Работите на теренот во Нашице многу брзо се менуваа, битолчани испуштија шанса да намалат на само еден гол, додека на спротивната страна Нексе влезе во нов налет и се искачи на плус пет (15-10). Сепак, на пауза се замина со три гола негатива за пелистерци, откако во самиот финиш Хенеберг реализира за 15-12.
Битолчани го отворија вториот дел со погодок на Костески (15-13) за два гола негатива, потоа беше и 18-16, меѓутоа со серија од пет гола, Нексе зададе голем удар на овој натпревар. Хрватскиот вицепрвак имаше расположен голман, воедно ги казни и техничките грешки на „зелените“, за 23-16 во 44. минута од мечот во Нашице, меѓутоа пелистерци одговорија во иста мера и преку Атанасијевиќ, Костески, Танкоски, Радовиќ и Пешевски, пет различни стрелци, се дојде на 23-21 на десет минути пред крајот. Сепак, искусен тим како Нексе не си дозволи да ја прокоцка посакуваната победа во финишот.
Иван Сршен со шест гола беше најдобар кај Нексе, а Томислав Северец, Лука Мославац и Фахрудин Мелиќ стрелаа по четири пати, додека кај голманите Доминик Кузмановиќ фати осум, а Морено Цар шест топки. Кај Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ заврши со 5/5, Ненад Костески имаше четири, а Хосни и Хенеберг погодија по трипати. Голманите немаа свој ден, Кизиќ фати пет, Лесјак само една топка.