Еурофарм Пелистер со моќен втор дел го сруши Бутел во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа седма плеј-оф победа во Суперлигата, откако во рамките на осмото коло славеа над Бутел Скопје со 35-26 (15-12). Средбата во салата „Боро Чурлевски“ понуди израмнет прв дел, а потоа и доминација на битолчани во продолжението за конечна убедлива победа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје:

Одлично во натпреварот влегоа бутелчани, па со головите на Узунчев, Спасовски и Шопиќ стигна до предност од 0-3. Првиот гол за битолчани го даде Филип Кузмановски, а иако Бутел водеше и со 1-4 следуваше добра серија на фаворитот. Капитенот на пелистерци врза уште три гола и донесе израмнување, а потоа се играше еден период гол за гол. Бутел држеше егал до 11-11, но пред финишот „зелено-белите“ врзаа четири погодоци во низа и потоа на полувреме се замина со 15-12. 

На стартот на продолжението со головите на Кузмановски и Хосни домашните поведоа со 17-12 пред гостите првпат да погодат во вториот дел. Еурофарм Пелистер влезе во добра серија, предноста почна да расте и достигна високи седум разлика (21-14). Тогаш во серија влегоа гостите од Скопје и успеаја да се вратат во натпреварот, но најблизу пријдоа на три разлика (23-20). До крајот пелистерци повторно се наметнаа, изградија поубедлива предност и забележаа висока победа.

Филип Кузмановски и Филип Николов со по десет погодоци беа најефикасени играчи на натпреварот.