• Мартин Танасковски
Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер вечерва го очекува нов европски предизвик. Битолчани гостуваат кај германскиот Гумерсбах во рамките на Лигата на Европа, со желба да стигнат до првата победа во натпреварувањето.
Дуелот ќе се одигра во „Швалбе Арена“ во Гумерсбах, каде што избраниците на Лино Червар ќе се обидат да го поправат досегашниот биланс. Еурофарм Пелистер на отворањето загуби на домашен терен од Ла Риоха, додека на гостувањето кај Гдањск освои бод по ремито.
Пред денешниот натпревар, Червар направи една промена во составот во однос на претходниот дуел. На местото на Павле Атанасијевиќ во ростерот се враќа левиот бек Малик Татар, кој ќе добие можност да помогне во обидот за освојување на првите два бода. Надвор од комбинација и понатаму е Ник Хенигман, кој ја одлежува суспензијата заработена по црвениот картон на натпреварот против Ла Риоха.
За битолчани ова е важен натпревар во продолжението од европската кампања. По поразот и ремито во првите две кола, позитивен резултат против германскиот претставник би бил значаен чекор кон подобра позиција во групата. Натпреварот Гумерсбах – Еурофарм Пелистер се игра вечерва од 18:45 часот.



