Еурофарм Пелистер се засили со талентирано крило од БиХ

Македонскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер, го претстави своето ново засилување за следната сезона. Во Битола доаѓа талентираниот босански ракометар Едвин Џелиловиќ.

Се работи за 23-годишно десно крило, кое во битолскиот суперлигаш ќе пристигне од редовите на Извиѓач. 

„Талентот и квалитетот е неспорен, затоа патиштата ни се спојуваат. Босанскиот интернационалец Едвин Џелиловиќ е нов член на Еурофарм Пелистер. 23-годишното десно крило од Тузла потпиша тригодишен договор со Еурофарм Пелистер и доаѓа во најракометниот град со големи очекувања.

Џелиловиќ ја надмина средината и со серија на титули со Извиѓач ќе пристигне во Македонија. Покрај за овој клуб кој доминира во шампионатот на БиХ, Џелиловиќ го носеше дресот и на Грачаница. Висок е 189 сантиметри и тежок 69 килограми, а во поселдните години остави траги играјќи во Европската лига и ЕХФ Европскиот Куп“, стои во објавата на клубот.

Едвин Џелиловиќ ќе биде официјално претставен на почетокот на подготовките за сезоната 2026/27 во јули годинава. 

Џелиловиќ е третото засилување на пелистерци за следната сезона, откако претходно договорени беа трансферите на Миха Котар и Мартин Серафимов. Во Битола доаѓа и легендарниот Лино Червар, како тренер на екипата.