Еурофарм Пелистер се „пресели“ во Словенија: Червар ќе го гради тимот за новата сезона

По осум дена работа во Битола, ракометарите на Еурофарм Пелистер отпатуваа на главниот дел од подготовките за сезоната 2026/27, кој ќе го реализираат во Словенија. Откако новиот тренер Лино Червар ги започна подготовките со работен состанок, медицински тестови и првите тренинзи во Битола, сега следува најважната фаза од создавањето на тимот пред стартот на новата сезона.

Во Словенија, искусниот хрватски стратег ќе има можност подобро да ги анализира можностите на своите ракометари, да ги воочи силните и слабите страни на екипата и постепено да ја темпира формата пред почетокот на натпреварувачката сезона.

Очекувањата се во овој период „зелено-белите“ да одиграат и неколку контролни натпревари, кои ќе послужат како вистински тест за новите идеи на Червар и за воигрување на тимот.

Вицешампионот на Македонија има високи амбиции и во домашното првенство и на европската сцена, па токму подготовките во Словенија ќе бидат клучен дел од мозаикот за создавање на посакуваната форма пред првите официјални предизвици.