• Мартин Танасковски
Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер одигра тензично и скандалозно финале против Мешков Брест на турнирот во турскиот град Болу, кое заврши со победа на белорускиот првак (31-35) во драматичен и спорен финиш во кое имаше и повлекување на екипата од теренот.
Финалниот меч беше тензичен и цело време се играше доста агресивно, а првиот дел понуди и три сини картони по еден инцидент кој се случи на крајот од првиот дел. Дека овој дуел во Турција може да има неславен епилог се најави со повлекувањето на Еурофарм Пелистер од терен на три минути пред крајот.
При резултат 32-31 за белорускиот првак, Мешков Брест имаше напад. Иако едниот играч направи пробивање, а вториот го удри Радивојевиќ во лицето, судиите не досудија топка за македонскиот првак и по тој напад ривалот погоди за 33-31. Бранислав Ангеловски веднаш потоа повика тајм-аут и ја повлече екипата од теренот.
Прекинот траеше подолго време, двете страни имаа разговори, се разговараше и со делегатите, но македонскиот првак реши да го доигра мечот без енергија и без мотивација и доживеа пораз. Поради настаните во финишот, тренерот Бранислав Ангеловски доби црвен картон.
Најдобар стрелец кај Мешков Брест беше Валентин Куран со осум гола, пред Едуард Јарош со шест реализации, додека кај Еурофарм Пелистер, Богдан Радивојевиќ имаше шест гола, исто колку и Емилијан Ѓорговски, а Урош Борзаш заврши со пет гола. Голманите Митревски и Ивиќ одбранија по пет топки.