Еурофарм Пелистер одново поразен од Магдебург за крај на сезоната во Европската лига

Еурофарм Пелистер ги заврши настапите во Европската лига, откако загуби и на вториот осминафинале натпревар од германски Магдебург. По битолските 24-32, вечерва пелистерци одново немаа сили за надигрување и претрпеа но висок пораз од 35-24 (14-9).

Битолскиот тим пак со „шаренолик“ состав им се спротистави на моќните Германци, а овој без и без првиот тренер Жељко Бабиќ, кој поради коронавирус е во карантин во Битола.

За разлика од мечот во Битола, вечерва пелистерци далеку поквалитетно и поконцентрирано отворија против големиот фаворит, што донесе неизвесност во првите 15 минути. Мандалиниќ и Периќ беа расположени во нападот, а одбраната делуваше организирана, па затоа во воведните минути Магдебург не можеше да најде начин како резултатски да се одлепи. 

Пелистерци, пак, играа одлично во одбраната, а да беа посигурни во нападот во одредени моменти дури можеа и посериозно да му се заканат на бундеслигашот. Сепак, сето тоа пропадна во вода, откако домашните ракометари фатија ритам и започнаа да играат во свој стил.

Како се ближеше крајот на првиот дел, така Магдебург го зголемуваше своето водство и на пауза замина со комотни 14-9. Ништо не се промени ниту на стартот на вториот дел, само што двете екипи беа за нијанса поефикасни во нападот. Домашниот стратег честопати го менуваше својот состав, но речиси ниту еден ракометар не потфрли, па затоа пелистерци не знаеја од каде да ја очекуваат вистинската закана и заслужено загубија со 11 гола разлика. На спротивната страна пак концентриран во нападот беше Мандалиниќ со седум гола, кој единствена вистинска поддршка доби од крилото Маџовски (5 гола) и кружниот напаѓач Граџан (3 гола).

По завршувањето на обврските кон Европската лига, сега пелистерци својот фокус ќе го стават на домашната сцена и СЕХА лигата, каде исто така ќе треба да дадат повеќе од себе за да ги остварат зацртаните цели. Особено во Суперлигата, по високиот пораз од Вардар на нивното прво овосезонско соочување во плеј-офот.