Еурофарм Пелистер немоќен во Германија, Магдебург останува перфектен во ЛШ

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер забележа уште еден пораз во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај моќниот Магдебург загуби со 36-26 (19-13). На тој начин бундеслигашот остана перфектен и ја впиша шестата победа од исто толку натпревари, додека нашиот претставник го претрпе петтиот пораз. 

Младиот македонски голман Давид Брестовац се врати во стројот на македонскиот тим и беше поддршка за искусниот Митревски, но Гарабаја и за овој натпревар се соочи со проблеми поради повреди. Само што го покажа целиот свој потенцијал и одигра брилијантно против Барселона, словенечкото засилување летово, Ник Хенигман, не беше во можност да му помогне на тимот и шпанскиот стратег остана без важна алка во дефанзивата, но и во нападот. 

Резултатот во Германија го отвори Магнусон со погодок од седум метри, а „мразот“ на пелистерци го скрши искусниот Цехте за 2-1. Прв гол запиша и Пешевски од линијата за шест метри, но Магнусон беше расположен и одново го врати Магдебург на два гола предност (4-2). Германската мрежа ја затресе и Тајник, но домаќинот експресно возвраќаше и постигнуваше лесни голови, па при 6-3 за бундеслигашот Гарабаја го повика првиот тајм-аут. 

Минута одмор вроди со плод и Кузмановски погоди во свој стил, а Тајник со нов пробив го врати Пелистер на само еден гол негатива (6-5). Сепак, следуваа две врзани исклучувања на „зелено-белите“, во игра влегоа младиот Павле Атанасијевиќ и Хаџиќ, а искусниот домаќин моќно го искористи тоа и за првпат поведе со четири гола позитива (11-7).

Кузмановски беше мотивиран против поранешниот клуб и со два врзани гола го држеше колку толку својот тим на поднослива негатива, но Магдебург беше немолосрден во финишот и ги казни сите технички грешки на противникот. На полувреме се замина со 19-13 за европскиот шампион, а нај-потегот во првиот дел му припадна на Филип Кузмановски, кој во самиот финиш распали „бомба“ од голема далечина и ја „скина“ домашната мрежа. Тоа беше четврти погодок за капитенот, а одлични во првиот дел беа уште Пешевски со три гола и Митревски со шест одбрани.

Манасков и Видомски врзаа два гола за пелистерци на стартот од вториот дел, но потоа полскиот бек двапати беше прочитан, па Магдебург експресно се врати на шест гола предност. Домашниот голман Хернандез одново на своја кожа ја почувствува моќта на Кузмановски, кој испрати нов проектил, а на спротивната страна атрактивна одбрана запиша и Митревски, ама домаќините играа неверојатно во транзиција и беа нерешлива енигма за одбраната на „зелено-белите“. 

Магнусон ја продолжи гол-серијата и второто полувреме и со својот деветти погодок до одведе својот им на плус девет (28-19), по што следуваше нова минута одмор за пелистерци и совети на Гарабаја како да се доигра натпреварот. Шпанскиот стратег шанса им даде и на ракометарите од клупата, а Магдебург не отстапи од својот стил и на крај се избори за убедлив триумф од десет гола разлика. Кај домашниот тим најпрецизен беше Магнусон со десет од десет, додека за Еурофарм Пелистер прв стрелец беше Кузмановски со шест гола, а четири запиша Хаџиќ. На голот Никола Митревски собра осум интервенции.

Во следното седмо коло, на 12 ноември во Битола гостува ПИК Сегед, а претходно Еурофарм Пелистер ќе одигра три натпревари во домашниот шампионат.