Еурофарм Пелистер во Маврово ќе бруси форма за СЕХА и ЕЛ

Битолски Еурофарм Пелистер ќе одработи уште една фаза на подготовки пред стартот на меѓународните предизвици. Прва доаѓа СЕХА-лигата, потоа е и Европската лига на ЕХФ, па Жељко Бабиќ нема да остави ништо на случајноста.

Пелистерци ќе одат во базата во која беа претходно, а тоа е Маврово. Ќе се работи на физичката спремност, исто така и тактички ќе се подготвува екипата за првиот предизвик, СЕХА.

Новата сезона во регионалното натпреварување ќе стартува на почетокот на месец октомври. Засега, Еурофарм Пелистер нема спаринг-партнери затоа што нема слободни екипи од Македонија, но ако се отвори можност ќе се одигра некој тест-натпревар.

Битолчани заминуваат за Маврово наредната среда, а точниот датум на враќање е непознат. Бабиќ се надева дека на овие подготовки ќе ги има Танкоски и Вегар кои поради повреди не играа во финалето на турнирот во Атина против АЕК.