Еурофарм Пелистер моќно го кутна Спортинг во „жешката“ Битола!

Екипата на Еурофарм Пелистер одигра брилијантна ракометна партија и со домашна победа над Спортинг Лисабон (31-25) по шест одиграни кола го презеде второто место во групата Д во Европската лига на ЕХФ.

„Зелените“ на Жељко Бабиќ го прочитаа противникот. Во првото полувреме натпреварот беше во егал, но стартот на вториот дел донесе еден нов полетен Еурофарм Пелистер кој ја казнуваше секоја грешка на противникот. Гостинот од Португалија во вторите триесет минути ја загуби и поддршката од голманите, па така го загуби и натпреварот во Македонија. За битолчани ова беше трета победа по шест одиграни кола и со осум бода е на второто место, веднаш зад Ним кој има девет.

Дуелот почна во знакот на Еурофарм Пелистер. Домашниот тим преку Граџан и Периќ поведе со 4-2, потоа, по одбранет зицер на Секељи се дојде и до 5-2 повторно преку Периќ, но следеше голем пад во играта на тимот на Жељко Бабиќ и со десет минути без постигнат гол, наспроти 0-6 серија на португалскиот тим, мечот се сврте во знакот на гостите (5-8). Спортинг и во следниот период ја држеше предноста од два до три гола, се до 10-12, кога Стипе Мандалиниќ погоди за 11-12, а потоа домашните изедначија и на 13-13. Главен фактор на теренот за пелистерци беше голманот Мартон Секељи кој собра шест одбрани. Во финишот на првиот дел во мрежата на Скок погоди и Мартин Велковски, за предност на „зелените“ од 14-13 на паузата.

На стартот на второто полувреме Еурофарм Пелистер обезбеди „плус два“ (16-14), разлика која во 40-тата минута скокна и на четири гола позитива за домашните (21-17), инаку највисока во тогашниот дел од натпреварот. Пелистер носен од публиката ја казнуваше секоја грешка на Спортинг во нападот, плус, гостите немаа поддршка од голманот каква што имаа во првото полувреме. На десет минути пред крајот, битолчани имаа дури шест гола позитива (26-20), па си го приведоа мечот во своја корист.

Најдобри кај Еурофарм Пелистер беа Стипе Мандалиниќ и Јосип Периќ со по седум постигнати гола, пред Табоада и Граџан со по четири гола. Секели собра 12 одбрани. Кај гостите, Салвадор реализира шест пати. Вреди да се напомене дека Португалците имаа само една голманска одбрана во вториот дел и тоа во последниот напад.

Во следното коло Еурофарм Пелистер гостува кај Ним во Франција и овој меч ќе биде битка за првото место.